Легендарната италијанска актерка Клаудија Кардинале, една од најголемите ѕвезди на европската кинематографија од втората половина на 20 век, почина на 87-годишна возраст во својот дом во Франција. Веста ја потврди нејзиниот менаџер Лоран Саври, кој истакна дека Кардинале „остава наследство на слободна и инспиративна жена, и како уметница и како личност“.
Кардинале изгради повеќе од шест децении долга кариера, оставајќи незаборавен печат во „златната доба“ на италијанскиот филм. Соработуваше со врвни режисери како Федерико Фелини и Лукино Висконти, со кои ги сними ремек-делата „Осум и половина“ и „Леопард“.
Родена е во Тунис во 1938 година. Како тинејџерка победи на избор за убавина, што ѝ овозможи да присуствува на Венецискиот филмски фестивал, каде веднаш беше забележана од продуценти. Така започна нејзиното патување во светот на филмот.
Во 1960-тите ја освои и публиката во Холивуд, играјќи во „Пинк Пантер“ на Блејк Едвардс и во култниот вестерн на Серџо Леоне „Беше еднаш на западот“. Критичарите тогаш ја прогласија за симбол на европскиот гламур и женственост.
Во приватниот живот беше поврзана со филмскиот продуцент Франко Кристалди, а подоцна и со режисерот Пасквале Сквитиери, со кого ја доби ќерката Клаудија.
Кардинале остана активна на филмското платно до позни години, а последната улога ја имаше во 2022 година. Таа беше добитничка на бројни признанија, меѓу кои и наградата за животно дело на Берлинскиот филмски фестивал во 2002 година. Македонската публика ја памети и како добитничка на специјалната награда „Златна Камера 300“ на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.
„Живеев повеќе од 150 животи: проститутка, светица, романтичарка… секој можен лик на жена. И прекрасно е што ја имав оваа можност да се менувам“, изјави Кардинале во едно интервју, оставајќи зад себе безвременска филмска оставнина.