Во средата (22 јануари) по кусо боледување во Скопје почина доајенот на македонското сликарство Коле Манев.
Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата на гробиштата во Бутел во петок (24 јануари) од 14.30-15.30 ч., а погребот ќе биде во 15.30 ч.
Коле Манев беше роден во 1941 година во с. Бапчор, во Егејскиот дел на Македонија, кое е бомбардирано за време на Граѓанската војна во Грција во 1948 година и сите куќи се уништени, а останата е единствено црквата. Децата од селото, како и многу други деца од Егејска Македонија, се принудени да го напуштат своето родно место.
Коле Манев, заедно со постариот брат Стасе и постарата сестра Елисавета, завршува во Романија, во прифатните домови во Арад, Синаја, Орадеа и Тулгеш, во романските Карпати. Токму името на овој последен дом – Тулгеш ќе послужи како инспирација за неговото најзначајно, врвно дело во филмската кариера – документарниот филм „Тулгеш“. Коле Манев во Романија останува осум години. Во 1955 година, со посредство на меѓународниот Црвен крст се враќа во Македонија, во Скопје, каде што повторно се среќава со семејството, со мајката и двете сестри, а токму тие трогателни средби во кои родителите по многу години се среќаваат со своите деца ќе бидат подоцна извонредно опишани во неговиот документарен филм „Тулгеш“.
Во Скопје го завршува Средното уметничко училиште, а потоа е примен на Ликовната академија во Белград, но по завршувањето на првиот степен се враќа во Скопје, а во 1965 година, веднаш по основањето на Телевизија Скопје, почнува да соработува со неа. Во таа прва етапа на телевизиското творештво кај нас, Коле Манев е ангажиран како режисер на анимирани и документарни емисии, а како млад ликовен уметник, тој рачно ги исцртува и сите шпици за сите документарни емисии што се снимаат во Радио-телевизија Скопје. Потоа заминува во Париз, таму работи како слободен уметник и ја оформува својата сликарска кариера. Коле Манев беше врвен портретист, за што сведочат многубројните портрети кои висат во приватните колекции на колекционерите ширум земјава и во странство, но и портретите на преродбениците што се наоѓаат во нашата највисока научна институција – Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ, исто така и портретите на најзначајните македонски писатели што се изложени во седиштето на Друштвото на писателите на Македонија – ДПМ.
Тој беше автор на над дваесетина самостојни изложби, учествувал на мноштво групни изложби, член на ДЛУМ од 1974 година, во еден период и претседател на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, награден со многу награди за своето сликарство: „Нерешки мајстори“, четирикратен добитник на „Мал формат“, награда за „Цртеж“ на ДЛУМ, „Наше историско минато“, награда на ликовна манифестација во Цетиње, од Здружението на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија ја добива наградата за посебни заслуги во афирмирањето на темата „бегалци“, во 2004 година Општина Центар му ја доделува наградата „Феникс“ за посебни заслуги во културата, во 2006 година Министерството за култура на Република Франција го прогласува за почесен витез од областа на културата и творештвото, во 2021 година Кинотеката на РС Македонија му го додели признанието „Златен објектив“ за особен придонес во македонската кинематографија.
Во 1972 година, кога од Париз повторно се враќа во Македонија, во Радио-телевизија Скопје, со писателот Јован Павловски реализираат серија репортажи од поголемите европски градови. Потоа го реализира ТВ-филмот „Екофагос“. Во истиот период, го реализира документарниот филм „Баскарските извори“ филм со кој, всушност, ја почнува обработката на темата за Егејска Македонија. Овој филм е награден со прва награда на реномираниот ТВ- фестивал во Блед, Словенија и тоа му ги отвора вратите на Коле Манев, така што тој добива стипендија за едномесечен престој во Прага, во тогашна Чехословачка, во студијата во Барандов, прочуените филмски студија во Прага, каде што се запознава со работата на студијата за анимиран филм. Таму, исто така, има можност да види оригинални архивски снимки од егзодусот на децата бегалци од Граѓанската војна во Грција од 1948 година. Тоа го инспирира и по враќањето во Скопје, во 1976 година, до „Вардар филм“ поднесува сопствено сценарио за реализација на документарниот филм „Тулгеш“. Приказната на филмот, тие потресни средби на семејствата разделени во различни европски земји, со години одвоени едни од други, средби во кои мајките не ги препознаваат децата, такви автентични снимки ретко се среќаваат во македонската кинематографија и несомнено филмот „Тулгеш“ не само што е врв во неговото филмско творештво туку истовремено претставува ремек-дело на македонската документаристика која во тоа време има многу значајна школа во „Вардар филм“ и ги собира сите награди на престижниот, т.н. Мартовски фестивал на југословенскиот краткометражен и документарен филм што секоја година се одржува во Белград. И „Тулгеш“ е награден во Белград, Коле Манев добива „Гранпри“ за режија и „Голем златен медал“ за најдобро сценарио.
Во 1980 година за Телевизија Скопје, со сопствена камера, како снимател, сценарист и режисер, во зимски амбиент го реализира документарниот филм „Пост“, инспириран од еден интересен лик од живописното Лазарополе, сместено високо на планината Бистра.
Во 1982 година заминува во Австралија каде што реализира три документарни емисии за македонските иселеници за потребите на Телевизија Скопје. Во 1984 година го реализира краткометражниот документарно-игран филм „Црно во црно“, повторно на егејска тема. Во 2003 година го реализира својот прв и единствен долгометражен игран ТВ-филм „Мост“, а во 2020 година, во време на корона-кризата го снима и режира своето последно остварување, краткометражниот игран филм „Екоспкоп“, интересна филмска приказна за уличен собирач на картони чија активност ја следи низ четирите годишни времиња. Коле Манев реализира и обемна книжевна и публицистичка дејност. Повеќе од дваесет години редовно објавуваше колумни во македонските дневни и неделни списанија и весници, во кои ги коментираше актуелните настани од аспект на интелектуалец од стар ков, загрижен за случувањата во својата земја. Овие негови колумни редовно беа придружени со цртеж што ја обработуваше темата на колумната.
Во 2015 година, Коле Манев, разочаран од тоа што неговите сценарија повеќепати не се прифатени за реализација во Агенцијата за филм, собра шест авторски сценарија за свои краткометражни филмови и ги објави во книгата под заеднички наслов „Сценарио – зошто да не?“ со идеја дека оваа книга ќе им послужи на помладите сценаристи или режисери кои ќе се инспирираат и можеби некое од тие сценарија и ќе го реализираат на филм.
Едно од тие никогаш нереализирани сценарија кое не влезе во претходниот избор, а кое имаше материјал да биде продолжено во подолга приказна, Коле Манев го преработи во роман и го објави во 2018 година под наслов „Патување со Самаритен“, една многу интересна приказна раскажана во прво лице, која зборува за патешествието на главниот јунак низ Франција, за неговите љубовни авантури, за неговите доживувања во светот на уметноста – еден роман нетипичен за македонската книжевност. Сепак, и покрај сите овие објави, Коле Манев никогаш не претендираше на тоа дека е книжевник, тој секогаш сметаше дека пишувањето е негова споредна дејност, а главна и основна дејност секогаш остануваше сликарството.
Со неговото заминување од животната сцена, македонската култура останува посиромашна за еден голем човек и извонреден уметник.