Почнаа огласите за работа во Хрватска, се бараат работници и за во маркети

Почнаа огласите за работа во Хрватска. Агенции од земјава кои посредуваат при вработување почнаа со регрутирање на работна сила за оваа година. Но, сега не се бараат само работници за хотели и ресторани на хрватското крајбрежје, туку и за работа во маркети.

„Потребни се работници и магационери за работа во познати маркети. Висока заработувачка, одлични услови за работа, легална работа, проверени работодавци, агенција со лиценца и бројни други предности“, стои во огласите кои се вртат на социјалните мрежи.

Како и ланската летна сезона кога голем број Македонци заминаа да работат во хотелите на крајбрежјето и островите во Хрватска и оваа година се бараат келнери, шанкери, кувари, работници во кујна, собарки и хигиеничарки. Се нудат плати од 2.000 евра за готвачи и над 1.000 евра за келнери. Се бараат работници од 18 до 55 години и притоа не е потребно да имаат пасош од земја членка на Европската унија односно вработувањето оди со македонски пасош.

Странците во Република Хрватска кои бараат работа можат да работат врз основа на издадена дозвола за престој и работа или потврда за регистрација на работа. Барање за работна дозвола поднесува работодавачот во полициската администрација / станица во зависност од местото на неговото седиште. Работникот мора да има во предвид дека може да работи само за работодавецот и на работното место за кое му е издадено дозвола за престој и работа.

Хрватска изминативе неколку години се соочува со недостаток на работна сила особено во летната туристичка сезона. Според туристичките работници во Хрватска недостасуваат 60.000 работници.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното