Патниците кои влегуваат во Европската Унија повторно се соочуваат со ризик од поголеми застои на граничните премини, бидејќи денеска официјално истекува периодот на флексибилна примена на Европскиот систем за влез и излез (ЕЕС).
Со оваа одлука на Европската комисија се ограничува можноста за граничарите привремено да ги суспендираат биометриските проверки во услови на големи гужви. Системот ЕЕС предвидува задолжителна електронска регистрација и земање биометриски податоци (отпечатоци од прсти и фотографирање) за сите државјани од трети земји, со што целосно се замени класичното печатирање пасоши при влез во Шенген-зоната.
Иако воведувањето на системот веќе предизвика технички проблеми и долги редици на голем број европски аеродроми и копнени граници, дел од земјите-членки, според пишувањата на лондoнски „Гардијан“, привремено нема целосно да ги применуваат овие мерки на најоптоварените точки. Од Европската комисија истакнуваат дека активно соработуваат со државите на кои им е потребна помош за оперативна адаптација на системот.