И покрај сериозните критики во делот на владеењето на правото, Европската комисија упати јасни пофалби за Северна Македонија во неколку области, пред се во надворешната политика.
Извештајот наведува дека земјата „го задржала своето целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“ , вклучително и во однос на војната на Русија против Украина. Со ова, земјата испратила „силен сигнал за својот стратешки избор за пристапување во ЕУ и се покажа како доверлив партнер“.
Позитивни оценки се дадени и за Кластер 6 (Надворешни односи), каде земјата има „добар степен на подготовка“ и постигнала „добар напредок“.
Покрај ова, во Кластер 3, поглавјето Царинска унија е оценето со „добар степен на подготовка“ и бележи „добар напредок“. Комисијата ја пофали Царинската управа за имплементација на „целосно безхартиено опкружување за обработка на царински декларации и акцизни документи“ и за завршувањето на развојот на Новиот компјутеризиран транзитен систем (NCTS) Фаза 5.