Полицијата ги предупредува ловџиите и љубителите на спортскиот лов дека со почетокот на ловната сезона ќе ги засили контролите и незаконското ловење.
Претстојниот викенд и на поширокото полошко подрачје ќе биде отворена новата ловечка сезона, која во наредниот период значително ќе се интензивира, особено за викендите и празниците.
– Со цел навреме да се превенираат незаконски постапки на поединци, а и ловџиите навреме и непосредно да бидат информирани за последиците од таквите постапки, СВР Тетово апелира доследно да се почитува Законот за лов. Санкциите за непочитување на одредбите од Законот за лов се мошне ригорозни и доследно и без исклучоци ќе се применуваат кон сите подеднакво, без разлика дали станува збор за ловџии – почетници или за искусни поклоници на овој рекреативен спорт, односно хоби, вели Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово
Незаконит лов претставува кривично дело, за кое се предвидени парични и казни затвор од три месеци до три години, зависно од тоа – кога, каде и што е отстрелано (член 228 од Кривичниот законик). Со започнувањето на новата ловна сезона, СВР Тетово во соработка со другите служби, значително ќе ги засили контролите низ ловиштата на подрачјето и ќе презема соодветни превентивни и други мерки и активности за спречување и санкционирање на незаконскиот лов.
