Основниот кривичен суд во Скопје донесе нова одлука во повторената судска постапка за случајот „Меѓународен сојуз“, со која казните за обвинетите се пониски во споредба со првостепената пресуда од 2022 година.
Бојан Јовановски – Боки-13 е прогласен за виновен за „измама“ и „перење пари“ и му е определена единствена казна затвор од пет години.
Јасна Ерцеговиќ доби две години затвор за „перење пари“, при што во казната се пресметува и времето поминато во домашен притвор.
Христина Блажевска доби условна затворска казна од една година за „перење пари“, која нема да се спроведе доколку во наредните три години не стори ново кривично дело.
Миле Јовановски е осуден на условна казна од една година и шест месеци за „перење пари“, со ист услов за нејзино спроведување.
Правното лице „Меѓународен сојуз“ е казнето со парична глоба од еден милион денари.
Со првостепената пресуда од април 2022 година, обвинетите добија вкупно 14 години затвор: Бојан Јовановски девет години, Јасна Ерцеговиќ четири, Христина Блажевска една, а Миле Јовановски две години условно.
Апелациониот суд Скопје во април 2024 година ја поништи првостепената пресуда и наложи повторување на постапката, при што ја потврди ослободителната одлука за Фросина Ташевска Ременски и Христина Блажевска во делот за „измама“, а ја преиначи казната за Миле Јовановски за „неовластено тргување со оружје“.
Случајот „Меѓународен сојуз“ се однесува на организирана криминална активност поврзана со измама и перење пари преку невладината организација предводена од Бојан Јовановски, со средства собирани од физички и правни лица под изговор за социјални проекти и изградба на домови за стари лица.