Пораст на заболените од грип – најмногу случаи во Куманово

Во периодот од 24 до 30 ноември, односно 48. недела од 2025 година, во државава се пријавени 114 случаи на грип и заболувања слични на грип, покажуваат најновите податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Ова претставува зголемување од 25,3 проценти во однос на претходната недела. Во споредба со истата недела од минатата сезона, бројките се повисоки за 75,4 проценти, а во однос на моделот за последните 15 сезони – за 2,7 проценти.

Заболените се регистрирани во 11 Центри за јавно здравје/подрачни единици. Најмногу случаи има во Куманово – 49, потоа Струмица – 16, Штип – 11, Тетово – 9, Гостивар – 7, Прилеп и Кавадарци – по 6, Македонски Брод – 5, Неготино – 3, како и по еден случај во Радовиш и Скопје.

Од почетокот на сезоната 2025/2026 досега се регистрирани вкупно 776 заболени. Тоа претставува раст од 70,9 проценти во однос на истиот период лани, а споредено со моделот за последните 15 сезони – зголемување од 25,9 проценти. Заболените се пријавени од вкупно 15 ЦЈЗ/ПЕ. Најмногу случаи има на подрачјето на Гостивар, додека највисока кумулативна инциденца е забележана во Македонски Брод.

Најголем дел од заболени лица се од возрасната група од 15 до 64 години – вкупно 584 случаи, што е очекувано со оглед на тоа што оваа група го опфаќа најголемиот дел од населението.

ИЈЗ повторува дека вакцинацијата против сезонски грип останува најделотворната заштита од заболувањето.