Поскапе водата за пиење во Скопје

Скопјани од овој месец ќе плаќаат за околу 10 проценти повисоки сметки за вода за пиење, јавува Телма.

Дел од граѓаните веќе добија фактури со зголемени износи, а поскапувањето е резултат на повисоки цени во сите три сегменти – снабдување со вода, прочистување на отпадни води и собирање и одведување на урбани отпадни води.

Одлуката ја донела Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), бидејќи Советот на Град Скопје не расправал за ова прашање во законски предвидениот рок. Од РКЕ објаснуваат дека кога советот не утврдува цена, тогаш тоа е во нивна надлежност.

Од Градскиот совет за Телма велат дека од мај наваму оваа точка воопшто не била ставена на дневен ред, додека од ЈП „Водовод и канализација“ сè уште нема официјален одговор. Одлуката за новите тарифи, според РКЕ, е донесена уште на крајот на август.