Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите порача дека постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски ќе се запре во моментов.
„Во овој момент имајќи ја предвид чувствителната ситуација во општеството планираме таа постапка да ја застанеме таму каде што се наоѓа, затоа што цениме дека обвинителите кои што работат посебно на случајот што се случи во Кочани, треба да работат и да сработат, да им дадеме шанса да сработат. Јас кога кажав дека сме задоволни впрочем можев да видам дека постои една заедничка акција и работа помеѓу МВР и Јавното обвинителство кое што резултираше со 34 обезбедени лица коишто имаат и најмал сомнеж за поврзаност со овој случај“, вели Мицкоски.
Владата на 11 февруари 2025 година донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Коцевски кој беше избран на оваа позиција пред една година, а неговиот мандат трае шест години. Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата, го изготви Предлог-мислењето за разрешување на државниот јавен обвинител.