Потрес во BBC: Генералниот директор Тим Дејви и шефицата на вестите Тарнес поднесоа оставки поради монтиран говор на Трамп

Генералниот директор на Би-Би-Си (BBC), Тим Дејви, и извршната шефица на вестите, Дебора Тарнес, поднесоа оставки по скандалот со документарен филм во кој бил лажно монтиран говор на Доналд Трамп.

Оставките доаѓаат во време кога Би-Би-Си се врзуваат со низа обвинувања дека не успеал да одржи политичка неутралност во своето известување, вклучително и околу Трамп, војната помеѓу Израел и Хамас и трансродовите прашања.

Весникот „Дејли телеграф“ изминатите денови известуваше за интерен документ, изработен од поранешен советник на Би-Би-Си, во кој биле наведени низа грешки. Најсериозната се однесува на начинот на кој водечката програма „Панорама“ го монтирала говорот на Трамп од 6 јануари 2021 година (денот на немирите во американскиот Конгрес).

Документот сугерира дека „Панорама“ монтирала два различни дела од говорот на Трамп за да изгледа како тој директно да ги охрабрува немирите.

Во документарецот, Трамп бил прикажан како им вели на своите поддржувачи: „Ќе одиме пеш до Капитол“ и веднаш потоа „пеколно ќе се бориме“. Меѓутоа, втората изјава („пеколно ќе се бориме“) била кажана во сосема друг дел од неговиот говор и не била директно поврзана со повикот за одење кон Капитол.

Портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит, во петокот остро реагираше, опишувајќи го Би-Би-Си како „100% лажни вести“ и „пропагандна машина“.

При објавувањето на оставката, Тим Дејви призна дека имало грешки.

„Ова е целосно моја одлука. Останувам многу благодарен на претседателот и управниот одбор за нивната непоколеблива и едногласна поддршка во текот на целиот мој мандат“, рече Дејви.