Свет

Повеќе од 1.200 се приведени поради учество во немирите во Бразил

Повеќе од 1.200 се приведени поради учество во немирите во Бразил

Околу 1.200 луѓе се приведени поради учество во немирите во главниот град на Бразил, објави денеска ТВ каналот Глобо. Претходно беа пријавени 400 приведени.

Откако властите ја ставија ситуацијата под контрола, полицијата почна да ги анализира снимките снимени со дронови кои беа на небото над плоштадот на трите власти за време на протестот. Многумина од демонстрантите излегоа во живо на социјалните мрежи од плоштадот и нивните профили исто така ќе бидат под лупа. Дополнително, ќе се проверуваат и записите од камерите за видео надзор во зградите на Националниот конгрес, Федералниот врховен суд и работната резиденција на претседателот.

Бразилските власти денеска ветија дека ќе ја заштитат демократијата и ќе ги казнат илјадниците приврзаници на поранешниот претседател Жаир Болсонаро кои упаднаа и ги ограбуваа највисоките владини згради во земјата во хаос неверојатно сличен на немирите во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, објави Асошиетед прес.

Полицијата и воените сили разбија шаторски камп на приврзаници на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, кој се појави пред генералниот штаб на вооружените сили во главниот град и приведе околу 1.200 лица, изјави за Асошиејтед прес прес-службата на Министерството за правда.

Претседателот Луис Инасио Лула да Силва и лидерите на Врховниот суд, Сенатот и Долниот дом на Парламентот денеска потпишаа декларација во која ги осудуваат актите на тероризам и вандализам и велат дека преземаат правни мерки.

Министерот за правда Флавио Дино изјави за новинарите дека полицијата почнала да ги бара оние кои платиле за автобусите кои ги превезувале демонстрантите до главниот град Бразилија. На прес-конференција доцна вчера, бразилскиот министер за институционални односи рече дека зградите ќе бидат проверени за докази, вклучително и отпечатоци од прсти и фотографии, за да се повикаат на одговорност луѓето и дека бунтовниците очигледно имале намера да предизвикаат слични немири низ целата земја.

„Тие нема да можат да ја уништат бразилската демократија. Ова мора да го кажеме со сета наша цврстина и убедување“, рече Дино. „Нема да дозволиме политичките борби во Бразил да се водат со средства за криминал. Криминалецот се третира како криминалец“, рече тој.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни