Повредите залечени, правдата ја нема – штипјанец две години гони полицајци кои неоправдано го претепале при рутинска контрола

Муамед Реџеповски од Штип тврди дека пред две години бил претепан од полициски службеници за време на рутинска контрола на неговото возило. Случајот, за кој постои лекарска потврда и кривична пријава, сè уште нема епилог.

Реџеповски за Телма изјави дека на 13 јуни 2023 година, кај супермаркетот „Туш“, бил тепан иако не давал отпор. Два дена подоцна бил хоспитализиран со тешки повреди, потврди и неговиот адвокат Емил Недков.

Кривичната пријава е поднесена против непознати полициски службеници, а иако обвинителството вети распит и препознавање на осомничените, постапката тапка во место. „Единствениот одговор што го добивме е дека обвинителите биле на одмор, а потоа – дека не знаеле до каде е предметот“, вели Недков.

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за Телма кусо одговориле дека ќе проверат што се случило со предметот и дека дополнително ќе дадат писмено известување.