Судењето против поранешниот директор на Истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, Филип Андов – Сокол, и уште неколкумина вработени во установата, се одложува за 12 ноември.
Како што информираат од Основниот кривичен суд, рочиштето е откажано поради здравствени причини на јавниот обвинител, но и по известување од затворот дека дел од обвинетите треба да присуствуваат на погреб.
Андов и шестмина затворски полицајци, кои се наоѓаат на обвинителна клупа, пред судот изјавија дека не се чувствуваат виновни.
Според обвинителството, тие се товарат за злоупотреба на службената положба, а дел од нив за несовесно работење во службата. За еден од обвинетите постапката е раздвоена поради здравствени причини.
Според обвинението, во периодот од март до јули 2024 година, обвинетите со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија при вршење на службените овластувања, овозможувајќи им на петмина осуденици погодности што не им следувале согласно судските одлуки.