Македонија

Пожарот од Моране: Противпожарните екипи остануваат на терен во текот на ноќта

Пожарот од Моране: Противпожарните екипи остануваат на терен во текот на ноќта

Пожарот кој се прошири од село Моране зафати дел од подрачјето на село Габер, каде што во текот на денот интервенираа противпожарни екипи, а во гаснењето од воздух беа вклучени и три авиони „Ер Трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување.

На терен се командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Звонко Томевски, заедно со екипите на Бригадата, кои продолжуваат со активности за спречување на понатамошно ширење на огнот.

Интервенцијата е отежната поради тешкиот и непристапен терен, што го ограничува ефикасното дејствување од земја. Поради тоа, значајна поддршка во гаснењето обезбедија воздухопловите „Ер Трактор“.

Противпожарните екипи ќе останат на терен во текот на целата ноќ, со задача да го заштитат Габер и околните населени места, како и континуирано да ја следат состојбата и да реагираат доколку дојде до повторно активирање или ширење на огнот.

Според најавите, утре во раните утрински часови повторно ќе бидат ангажирани авионите „Ер Трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување, заедно со екипите на Противпожарната бригада на Град Скопје.

Целта е пожарот целосно да биде локализиран и изгаснат, а дополнителните интервенции од воздух и од земја ќе зависат од состојбата на теренот и условите за безбедно дејствување.

Надлежните служби остануваат во континуирана готовност, особено поради непристапноста на теренот и ризикот од понатамошно ширење на огнената линија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни