Македонија

Празник на Полагањето на чесниот појас на Пресвета Богородица: Спомен на исцеленијата и вековната заштита

Празник на Полагањето на чесниот појас на Пресвета Богородица: Спомен на исцеленијата и вековната заштита

Православната црква и верниците денеска го одбележуваат празникот посветен на Полагањето на чесниот појас на Пресвета Богородица — реликвија со длабоко духовно и историско значење за христијанскиот свет.

Според преданието, по своето успение, Богородица му го предала својот појас на апостолот Тома. Светињата подоцна била пренесена во Цариград, каде што со векови почивала запечатена во црквата во Влахерна, подигната од царицата Пулхерија.

Ковчегот останал неотворен сè до владеењето на византискиот цар Лав Мудриот (886–912). Откако неговата сопруга, царицата Зоа, тешко душевно се разболела, по таинствено видение побарала врз неа да се положи Богородичниот појас. На молба на царот, патријархот го отворил ковчегот, а веднаш по допирот со светињата, царицата целосно оздравела. Во чест на ова чудо, црквата го востановила денешниот празник.

Чесниот појас низ вековите бил сведок и на други исцеленија, меѓу кои и на ќерката на царот Роман. Откако се омажила за грузискиот владетел, таа дел од реликвијата понела со себе во Грузија. Подоцна, по наредба на рускиот цар Александар I, во Зугдид, Мингрелија, била подигната посебна црква посветена на чувањето на овој свет дел од облеката на Божјата Мајка, каде што верниците и денес бараат утеха и исцеление.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни