Јавното обвинителство побара доживотен затвор за 25-годишниот Трајко Бојковски од Старо Нагоричане, обвинет за убиства на четири возрасни немоќни жени и за два обиди за убиства. Одбраната, пак, побара судот да ги цени признанието за три убиства и искажаното каење како олеснителни околности.
Во завршните зборови на судскиот процес, Јавното обвинителство побара најстрога казна за Трајко Бојковски од Старо Нагоричане. Според обвинението, 25-годишниот Бојковски е обвинет за убиства на четири возрасни немоќни жени, како и за два обиди за убиства.
Обвинителот Лапе во завршниот збор посочил дека убиствата биле извршени „заради задоволување на полови нагони врз мртви тела, односно некрофилија“. Тој навел дека кај обвинетиот „отсуствуваа чувства на емпатија, вина и страв“, како и дека Бојковски бил пресметлив кога ги извршувал делата и дека се обидува да манипулира.
Обвинителството оцени дека не постои можност за ресоцијализација и дека има висок степен на опасност од повторување на кривичните дела. Во таа насока, обвинителот изјавил: „Едноставно не гледам како би можел повторно да се вклопи во општеството.“
Кон кривичниот прогон се приклучила и одбраната на семејствата на оштетените, која побарала и отштета. Од таму изразиле уверување дека судот правилно ќе ги цени доказите предложени од обвинителството и ќе донесе одлука „која што ќе бидне за добро на општеството и која што ќе влијае на неговата, неговата превенција“.
Одбраната на Бојковски, од своја страна, оспорила едно од убиствата, како и мотивите во двата случаи на обиди за убиства. Воедно, обвинетиот признал три убиства и изјавил дека се кае за стореното.
Поради тоа, неговата одбрана побарала судот при одмерувањето на казната да ги земе предвид признанието и каењето како олеснителни околности. Пресудата во овој случај, според најавата, ќе биде објавена во петок.