Прекини на струја предизвикале три големи дефекти на водоводната мрежа кај Лепенец

Повеќе краткотрајни прекини во снабдувањето со електрична енергија во регионот на бунарите кај Лепенец предизвикаа три големи дефекти на главната водоводна мрежа, што доведе до прекин на водоснабдувањето во неколку населени места во Скопје, соопшти денеска ЈП Водовод и канализација.

Според објаснувањето на претпријатието, прекините на струја предизвикале нагли промени во притисокот на пумпниот систем, што резултирало со два дефекти истовремено на главната водоводна линија Ф-600, како и дефект во шахта на линијата Ф-400 кај еден од бунарите.

Екипи на ЈП Водовод и канализација веднаш излегле на терен и интензивно работат на санација на дефектите.

„По брзата реакција на нашите екипи, водоснабдувањето постепено се стабилизира со цел да се избегнат нови појави на дефекти и дополнителни оптоварувања на системот“, се вели во соопштението.

Од претпријатието се заблагодаруваат на граѓаните за разбирањето и трпението и најавуваат дека навремено ќе информираат за текот на санацијата, со цел целосна нормализација на водоснабдувањето во најкраток можен рок.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.