Преку „Преспа“ до Алијансата, со Македонија во НАТО против штетните политики на Русија

Ратификацијата на Договорот од Преспа ќе ја внесе Македонија во НАТО, а тоа ќе го зајакне Балканот во спротивставувањето против штетното влијание на Русија. Ваква порака испрати американскиот државен секретар Мајк Помпео по средбата во Вашингтон со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Јоргос Катругалос.

Овој договор, како што вели Помпео, освен политичка, има и економска важност.

„Во јуни, Грција го потпиша Преспанскиот договор, кој дава позитивен економски импакт и ја отвора Грција кон Балканот. И честитаме на владата за посветеноста да го постигне овој договор. Тој договор ќе му помогне на вашиот сосед да се приклучи кон НАТО и ЕУ како Република Северна Македонија, како и да го зајакне Балканот против штетното руско влијание“, вели Мајк Помпео – Американски државен секретар.

Катругалос, повтори дека владата на Ципрас е решена да го спроведе договороот, но и ќе продолжи да ги решава и другите отворени прашања и проблеми во регионот.

„Ние не се обидуваме само да ги заштитиме нашите национални интереси, туку да бидеме фактор на стабилноста и мирот на Балканот, но и на Блискиот Исток. Токму затоа го потпишавме Договорот од Преспа, кој ќе донесе многу бенефиции за двете страни, за нас и нашиот северен сосед“, изјави Јоргос Катругалос – алтернативен Министер за надворешни работи на Грција.

На владината седница одржана во средата беше усвоен финалниот текст на уставните амандмани кои потоа се доставени до Собранието. По предвидената законска дебата, двотретинско мнозинство ќе треба да ги изгласа уставните измени. Потоа „топката“ се префрлува кај Грција. Но, министерот за одбрана Панос Каменос, кој е лидер на Независни Грци и коалициски партнер во грчката влада, порача дека нема да чека Договорот од Преспа да стигне до грчкиот Парламент. Како што вели тој, штом ќе бидат комплетирани процедурите во Собранието во Македонија, тој ќе поднесе оставка и ќе се повлече од владата.

ПОДГОТВИ: ЕДИН РАСТОДЕР

Извор: ТВ21