Човекот кој најверојатно ќе стане нов премиер на Гренланд ги отфрла обидите на Трамп за преземање, пишува Гардијан.
„Ние не сме Американци. Ние не сме Данци. Сакаме да бидеме Гренланѓани“, порача Јенс-Фредерик Нилсен. Тој истакна дека Гренланѓаните сами треба да одлучуваат за својата иднина додека се движат кон независност од Данска.
Нилсен, чија центристичко-десна партија Демократите оствари изненадувачка победа на оваа недела одржаните парламентарни избори и сега треба да формира коалициска влада, вчера ги отфрли повторените тврдења на Трамп дека САД ќе го анектираат островот.
„Ние не сме Американци. Не, не сме ниту Данци. Сакаме да бидеме Гренланѓани и сакаме наша сопствена независност во иднина“, изјави 33-годишниот политичар. „Сакаме сами да ја изградиме својата држава“, додаде тој.
Заминувачкиот премиер Муте Егеде најави дека ќе свика состанок на лидерите на партиите за заеднички да ги отфрлат заканите на Трамп. „Доста е“, порача тој.
„Време е поостро да го отфрлиме Трамп, нема да толерираме недостаток на почит“, напиша Егеде на Фејсбук. Тој сè уште го води Гренланд до формирањето на новата влада.
„Американскиот претседател уште еднаш ја спомена можноста за наша анексија. Тоа апсолутно не можам да го прифатам. Го почитувам резултатот од изборите, но чувствувам обврска како привремен шеф на владата. Затоа побарав од администрацијата што побрзо да ги свика партиските лидери“, додаде Егеде.
Изјавите на Гренланѓаните дојдоа откако Трамп вчера повторно ги изрази своите намери за преземање на Гренланд. За време на состанокот во Овалната соба со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, Трамп изјави дека резултатите од изборите на Гренланд се многу поволни за нив.
„Личноста што оствари најдобар резултат е многу добра, барем што се однесува до нас“, прокоментира тој. На прашањето дали мисли дека САД ќе го анектира Гренланд, Трамп одговори дека мисли дека тоа ќе се случи.
Тој исто така изјави дека Данска е многу далеку од Гренланд и го доведе во прашање правото на таа земја да го контролира најголемиот остров во светот.
„Пред 200 години таму пристигнал некој брод или нешто слично. И сега тие велат дека имаат право на тоа. Не знам дали тоа е точно. Всушност, мислам дека не е“, изјави Трамп.
Тој наведе дека американската контрола над Гренланд би можела да биде важна од безбедносни причини, а дури предложи и НАТО да се вклучи во прашањето за управувањето со островот. Сепак, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, остана воздржан во врска со таа идеја.
„Повеќето политичари сакаат Гренланд да стане независен“
Новите 31 пратеник во гренландскиот парламент ќе мора да ги постават своите приоритети во области како што се диверзификацијата на економијата, изградбата на инфраструктурата и подобрувањето на здравствената заштита, како и да ја обликуваат стратегијата на земјата во однос на политиката „Америка на прво место“ на Трамп.
Демократите освоија 29,9% од гласовите со кампања фокусирана на подобрување на станбениот и образовниот стандард, со одложување на независноста додека Гренланд не стане самоодржлив. Пред четири години завршија на четврто место со 9,1% од гласовите.
Жителот на Нуук, Антон Нилсен, смета дека победата на Демократите е добра за земјата. „Повеќето политичари сакаат Гренланд да стане независен“, изјави тој. „Но, оваа партија не сака да брза, сака сè да се направи како што треба“, додаде тој.
Карина Рен, раководителка на Арктичката програма на Универзитетот во Алборг во Копенхаген, смета дека резултатите од изборите покажале дека Гренланѓаните се обиделе да го игнорираат Трамп и да се фокусираат на своите приоритети.
„Избирачите успеаја да ја смират драмата и алармантните дискусии однадвор и да кажат: ’Ова се нашите секојдневни животи, нашите проблеми како граѓани. Каде одиме и како ќе го развиваме нашето општество одвнатре?‘“, изјави таа.
Сега Демократите ќе треба да се фокусираат на формирање владејачка коалиција. Наљерак, најтврдокорната партија за независност на Гренланд, заврши на второ место со 24,5% од гласовите, додека Инуит Атакагит, кои ја предводеа претходната влада, освоија 21,4%.