Пресврт во скандалот: Одбраната тврди дека 13-те мобилни не се на Камбери – вистинскиот сопственик сам се пријавил!

Откако на минатото рочиште одекна веста дека во ќелијата на обвинетиот Џеваир Камбери биле пронајдени 13 мобилни телефони и лаптоп, неговата одбрана денеска пред почетокот на главната расправа излезе со целосен демант и тврдење дека уредите не се негови.

Бранителот на Камбери пред судот обелодени дека во меѓувреме е откриен вистинскиот сопственик на забранетите предмети. „Во меѓувреме детектиран е сопственикот на тие телефони и лаптопот, кој самиот се пријавил и признал. Тоа не е Камбери, со сигурност ви тврдам, и го молам судот да се обрати до затворот и да ја провери оваа информација“, истакна адвокатот.

Судијката Дијана Груевска Илиевска остана на својот став дека таа само ги пренела официјалните податоци добиени од управата на затворот: „Јас не тврдам, туку само ја прочитав информацијата од затворот“.

Оваа информација доаѓа откако претходно Камбери, кој се товари за примање поткуп и фалсификување службена исправа за лиценците на „Пулс“ , се правдаше дека „ги нашол телефоните таму кога влегол“.