Прилепското обвинителство го доби полицискиот извештај за несреќата со шестоодделенецот

Основното јавно обвинителство Прилеп го доби полицискиот извештај за несреќата со повредениот шестоодделенец во основното училиште „Гоце Делчев“. Инцидентот се случил во понеделникот, кога ученикот паднал од прозорецот на третиот кат од училишната зграда, при што се здобил со тешки телесни повреди, вклучувајќи скршеници на стапалата и прешлените.

Извештајот содржи искази од медицински лица, вработени во училиштето, како и видео снимки од моментот на несреќата. Обвинителството продолжува со анализата на материјалите, со цел да утврди како дошло до несреќата.

„Го добивме полицискиот извештај. Ќе ги разгледаме исказите, видео материјалот и, доколку е потребно, ќе побараме дополнителни искази од други лица кои не биле испитани. Случајот е засега класифициран како несреќен настан,“ изјави в.д. основниот јавен обвинител Лидија Салатоска Илиеска.

Настанот се случил во 14:35 часот, за време на големиот одмор, на првиот училишен ден во второто полугодие. Според информациите, во училницата на третиот кат во моментот биле само дежурниот ученик и повредениот шестоодделенец. Наставникот кој дежурал поминал низ училницата, прашувајќи го ученикот зошто не излегол на одмор. Ученикот одговорил дека му студи и ќе остане во училницата.

Директорката на училиштето, Снежана Котева, изјави дека инцидентот се случил во неколку минути кога дежурниот ученик излегол од училницата за да земе храна.

Ученикот се лекува на Детска хирургија во Скопје по скршениците на стапалата и на прешлените.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното