Денеска се спроведува акција на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во координација со Истражниот центар при ОЈО ГОКК и екипи на Министерството за внатрешни работи.
Според првичните информации, претреси биле извршени на повеќе локации низ земјата, поради основани сомневања за коруптивни активности.
Во акцијата приведен е и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев под сомнение за примање мито.
Екипа на 4news.mk беше на лице место кога директорот беше изнесен од зградата.
Неофицијално, Стоилев побарал и примил мито од апликант за да му биде доделен договор за финансиска поддршка преку ИПАРД програмата. Според извори од истрагата, по пријавата во МВР, апликантот добил обележани банкноти, со кои директорот бил фатен „ин флагранте“ при примањето на парите.
Според неофицијални информации, лицето кое го пријавило случајот и соработувало со истражните органи е поранешен министер во Владата на ВМРО-ДПМНЕ.
Илија Стоилев (1967) од Свети Николе беше именуван за директор на Агенцијата во јули 2024 година. По образование е дипломиран земјоделски инженер – отсек сточарство, а пред тоа работел како професор на Земјоделскиот факултет при УКИМ.