Пристигнуваат есента и зимата – еве неколку совети за посилен имунитет

Се повеќе се наближува есента и зимата, па затоа важно е да се фокусираме на зајакнување на имунитетот.

Секако, на имунолошкиот систем може да влијаат стресот, начинот и квалитетот на спиење, но и храната што ја јадеме, па затоа еве некои од најлошите навики во исхраната што можат да го ослабнат човековиот имунитет.

  • Консумирање премногу алкохол

Американската нутриционистка Мери Албус вели дека консумирањето премногу алкохол може негативно да влијае на нашиот имунитет.

„Алкохолот може да го потисне имунолошкиот одговор на телото на зараза. Со пиење алкохол, на телото може да му треба повеќе време да ја препознае и одговори на заразата во развој“, истакна Албус.

Таа вели дека алкохолот може да го ослабне нашиот имунитет и со промена на апсорпцијата на потребните хранливи материи, односно тој ја инхибира апсорпцијата на виталните хранливи материи, како што се витамин Ц и цинк, кои се важни за имунолошкиот систем.

„Прекумерното консумирање алкохол може да направи симптомите на некоја болест да траат подолго и да станат потешки отколку што би требало“, додава Албус.

  • Шеќер во поголеми количини

Нутриционистката напоменува дека и шеќерот во исхраната може да го ослабне имунитетот.

„Истражувањата го поврзуваат честото внесување храна богата со шеќер – со ослабена имунолошка функција. Белите крвни зрнца, кои се клетки вклучени во борбата против заразата, се негативно погодени од прекумерниот внос на шеќер, што може да ги спречи ефикасно да се борат против болестите!“, објаснува таа.

  • Премногу сол

На возрасно лице му требаат околу 2.300 милиграми натриум дневно, а некои од нас внесуваат просечно околу 3.400 мг. дневно, а прекумерниот внес на сол може да има траен здравствен ефект.

„Јадењето храна богата со натриум, која е и доста преработена, може да предизвика воспаленија во телото и да ја зголеми опасноста од хронични заболувања“, порача таа.

  • Недоволно овошје и зеленчук

Нутриционистот Мет Мацино вели дека ни треба повеќе овошје и зеленчук во исхраната за да се одржи имунолошкиот систем.

„Овошјето и зеленчукот содржат големи количини на витамини, минерали и антиоксиданси, а овие соединенија се неопходни за поддршка на реакциите на Вашиот имунолошки систем и борба против болестите“, истакна Мацино.

Тој вели дека овошјето и зеленчукот имаат и растворливи влакна, поради што се корисни за имунитетот.

„Растворливите влакна се храна за бактериите што живеат во нашите црева, а здравиот микробиом комуницира и го поддржува нашиот имунолошки систем“, додава Мацино.

  • Недоволен внес на витамин Д

Мацино порачува дека витаминот Д е една од најважните хранливи материи за поддршка на здрав имунолошки систем, поради неговите антиинфламаторни својства за кои е познато дека ја подобруваат функцијата на имунолошките клетки.

„Ако работите цел ден од дома и не се изложувате на сончева светлина колку што треба, или ако сте среде сезона на дождови, можеби ќе сакате да размислите за земање витамин Д со додатоци, за да го зајакнете имунитетот“, советува нутриционистот.