Состојбата со приватните превозници во јавниот градски превоз е стабилизирана, а сите проблеми кои беа евидентирани во изминатиот период се успешно надминати. Застојот на одредени автобуски линии беше предизвикан исклучиво од технички пречки со АВЛ опремата и ГПС валидаторите во автобусите, што оневозможи дел од возилата навремено да бидат вклучени во сообраќај. Овој дефект е целосно отстранет, со што се овозможува редовно и навремено користење на превозот.
Комуникацијата и соработката меѓу приватните превозници, ЈСП Скопје и Градот Скопје е значително подобрена, особено во финансискиот дел. Во изминатите три месеци на превозниците им се исплатени вкупно 72 милиони денари, а од месец март се продолжува со воспоставената динамика за континуирана и редовна исплата на средствата.
Превозниците преку заедничко соопштение порачаа дека остануваат посветени на одржување стабилен и сигурен јавен превоз, истовремено работејќи на решавање на сите тековни предизвици во системот. Тие упатија извинување до граѓаните за настанатите непријатности и изразија благодарност за покажаното трпение додека траеше процесот на сервисирање на техничките проблеми.
