Притворот за поранешниот државен правобранител, Фехми Стафа, е продолжен за нови 30 дена.
Тој е под истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“.
Стафа беше приведен во полициска акција откако кај него беа пронајдени 20.000 евра. Истрагата покажува дека тој, во периодот од октомври до декември 2025 година, примил вкупно 50.000 евра од првично побараните 100.000 евра. Парите ги барал за да изврши влијание врз судија од Апелациониот суд Скопје со цел да се укине притворот на лице кое е во бегство.
Првата транша од 30.000 евра му била предадена во октомври од сестрата на лицето во бегство, додека при примањето на преостанатите 20.000 евра на 13 декември, тој е лишен од слобода. Судот ја продолжи мерката притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз постапката или повторување на делото.
