Продолжи кавгата на Мицкоски со историчарите: „Премиерот свесно испрати заканувачка порака“

Дополнително се вжешти кавгата меѓу премиерот Христијан Мицкоски и поранешните членови во Историската комисија. Според историчарите, премиерот користел неаргументирани, обвинувачки и навредливи изјави за нивната работа и притоа ги поделил граѓаните на „заштитници“ и „незаштитници“ на националните интереси.

„Уште пострашно е што премиерот свесно испраќа авторитарна и заканувачка порака дека оној што нема да ги исполнува неговите очекувања и политички погледи ќе биде етикетиран дека не ги штити националните интереси. Тоа е неодговорно и несериозно и за еден премиер и за еден професор.“, се вели во изјавата на поранешните членови на историската комисија.

Мицкоски одговори дека освен капитулација, тие не сработеле ништо.

„Дали овие политички флоскули од страна на поранешните членови на Историската комисија треба да се коментираат повеќе и да им се посветува внимание – не мислам.“, рече Мицкоски.

Според историчарите, Комисијата била злоупотребена за партиски цели и во Македонија и во Бугарија, па затоа побараа вклучување на меѓународни експерти.

„Неопходна е промена на методологијата во работата на Комисијата и вклучување експерти од УНЕСКО, Советот на Европа или ОБСЕ… На тој начин ќе се создадат услови негативните политички влијанија да се тргнат настрана од работата на Комисијата.“, велат поранешни членови на Комисијата.

Премиерот се согласи со идејата за вклучување на експерти, но најави вклучување и на инспектори.

„Нека се вклучат ОБСЕ, ама ќе се вклучат сега малку и инспекциските и истражните органи да видиме каде се трошеа парите. Ќе се вклучат да видиме каде се трошеле парите, колкави се хонорарите на овие коишто направија ништо изминативе години, односно го засрамија народот во Македонија и ги продадоа македонските интереси.“, изјави Мицкоски.

Опозиционерот Венко Филипче обвини за, како што вели, политизација на работата на Комисијата и ја поддржа идејата за странски експерти.

„Ќе влијаат на елиминирањето на политичките влијанија, кои на никој не му носат добро.“, рече Филипче.

Според поранешните членови на Комисијата, била игнорирана идејата, преку позитивните примери од работата на вакви комисии меѓу европските земји, да се дојде до ослободување на наставата по историја од идеолошки и националистички влијанија.