Продолжи судењето за „Онкологија 2“ – сведоци откриваат како се одвивале седниците за буџетот и терапиите на Клиниката

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето за предметот „Онкологија 2“, кој се води против поранешниот медицински директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, и поранешниот економски директор Нехад Нухи, обвинети за несовесно работење и финансиски криминал.

На денешното рочиште беа сослушани сведоци предложени од Обвинителството, кои во периодот од 2018 до 2024 година биле членови на Управниот одбор (УО) на Клиниката.

Еден од сведоците, кој бил член на УО во целиот наведениот период, појасни дека на Управниот одбор не му била детално презентирана финансиската состојба на Клиниката. Според неговото сведочење, во 2018 и 2019 година било укажано дека има доволно средства, додека за следните години им било кажано дека нема пречекорување на буџетот.

„Од директорот Васев слушнавме дека Клиниката има доволно пари и успешно ќе ја заврши годината,“ изјави сведокот.

Тој додаде дека по доаѓањето на новата директорка, Билјана Клисаровска, на седниците било посочено дека Клиниката се соочува со финансиски проблеми. Одлуките, како што рече, Управниот одбор ги носел со гласање, а за усвојувањето на годишните завршни сметки не се сеќава како гласал, но потврди дека биле усвоени.

Друг сведок – специјалист пулмолог и надворешен член на УО од крајот на 2018 до крајот на 2024 година – изјави дека на седниците можело да биде презентиран бројот на пациенти, но не и детални информации за тоа која терапија ја примал секој пациент.

„Секоја година имавме околу 20 до 30 седници со повеќе точки на дневен ред. Не можам да се сетам на сите детали,“ рече сведокот, додавајќи дека не памети да биле прикажувани информации за финансиски проблеми, освен во случаи кога се споменувала недоволност на средства за набавка на биолошка терапија.

Тој потврди дека Управниот одбор немал член со економска или финансиска експертиза, а дека речиси на сите седници присуствувале раководителот на финансии Јасмина Николовска Цветановска и записничар – дипломиран правник, кои го подготвувале материјалот за одлука.

„Ние како УО ги слушавме нивните образложенија и на крајот гласавме,“ додаде сведокот.

Обвинетите Васев и Нухи од почетокот на постапката ја негираат вината, а нивната одбрана тврди дека обвинението е неосновано и политички мотивирано, при што се базира на вештачење изготвено од лица кои, според нив, исто така се инкриминирани и биле сменети од Васев во претходниот период.

Кривичниот суд во јуни годинава го потврди обвинението против поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија за злоупотреба, измама и проневера во службата во периодот од 2018 до 2022 година.