Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судскиот процес за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Првообвинет во случајот е Љупчо Палевски – Палчо, заедно со Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски. Случајот се наоѓа во фазата на доказна постапка, а на денешното рочиште се очекува изведување на нови докази предложени од Обвинителството.
На претходното рочиште, закажано за 27 јануари, Љупчо Палевски поднесе барање за изземање на јавната обвинителка Жаклина Крстевска и целото Обвинителство во Скопје, тврдејќи дека истрагата била несоодветно спроведена. Поради тоа, судењето беше одложено и продолжува денеска.
Досега во постапката, обвинителката Жаклина Крстевска презентираше видеоматеријали од безбедносните камери во рамки на системот „Сејф сити“. Овие снимки биле добиени преку анализа на движењето на регистарските таблички на автомобилите „Цитроен“ и „Рено Кангу“ во клучниот период – на 27 ноември 2023 година, како и неколку дена пред киднапирањето на девојчето.
Еден од клучните сведоци во случајот, Гоце Трајковски, кој заедно со таткото на Вања Ѓорчевска собирал и анализирал видеоснимки од околните безбедносни камери, досега беше недостапен за истражните органи поради друго кривично дело. Сепак, неодамна самиот се пријавил во полициска станица, што може да има значително влијание врз текот на судењето.
Во досегашниот тек на процесот, Обвинителството пред Судот образложи 180 од вкупно 197 докази. Тие вклучуваат информации за локациите каде што биле пронајдени жртвите, резултатите од увидите на истражните органи, пронајдените траги, обдукциските наоди, како и извештаите од психијатриските вештачења.
Според обвинителката Крстевска, обдукцијата потврдила дека жртвите биле убиени со истрел во главата од непосредна близина, со куршуми од ист калибар – 9 милиметри. Вања не била задушена, што значи дека и двете жртви биле живи во моментот на егзекуцијата. ДНК анализата на самолепливата лента пронајдена на устата на Вања укажува на мешани траги – од самата жртва, како и најверојатно од обвинетиот Велибор Манев.
На првото рочиште, обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Обвинителството тврди дека групата заеднички го испланирала киднапирањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска со намера да изнуди парични средства од нејзиното потесно семејство. Во исто време, Панче Жежовски бил киднапиран во Велес со цел да им го предаде своето возило „Цитроен“, кое обвинетите сакале да го искористат во киднапирањето на девојчето во Скопје.
Вања и Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви на 3 декември 2023 година, во близина на Скопје и Велес.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Жаклина Крстевска.