Македонија

Промени во изгледот на полицајците: Дозволени уредни бради и тетоважи!

Промени во изгледот на полицајците: Дозволени уредни бради и тетоважи!

Полициските службеници во земјава ќе имаат поголема слобода во однос на личниот изглед, откако Министерството за внатрешни работи направи измени во правилникот што ги регулира однесувањето и меѓусебните односи на вработените.

Со измените, на униформираните полициски службеници им се дозволува носење брада и одредени тетоважи, но под строго определени услови поврзани со професионалниот изглед и угледот на службата.

Од МВР информираат дека Правилникот бил донесен на 4 мај 2026 година, а по иницијатива на Гранскиот независен синдикат на полицијата биле предложени дополнителни измени во делот на изгледот на полициските службеници.

Предлогот, како што велат од Министерството, бил разгледан и прифатен, по што на 1 јуни 2026 година биле направени измените и дополнувањата.

„Согласно извршените измени, на полициските службеници кои носат униформа им се дозволува да носат брада, но исклучиво доколку истата е кратка, уредна и редовно одржувана, односно не го нарушува професионалниот и службениот изглед на полицискиот службеник“, наведуваат од МВР.

Од Независниот синдикат на полицијата посочија дека измените се резултат на нивни континуирани барања и ги оценија како чекор кон модернизација на условите за работа.

Според новите правила, работниците кои носат униформа треба да бидат уредно потстрижени, а косата не смее да паѓа над ушите или над јаката од униформата.

Во однос на брадата, правилникот предвидува таа да биде кратко и рамномерно потстрижена, со одржувани контури на образите и вратот. Брадата мора да биде чиста и негувана и не смее да ја попречува употребата на службена опрема, вклучително и заштитна маска.

Правилата се однесуваат и на тетоважите. Униформираните службеници нема да смеат да имаат видливи тетоважи при носење униформа и опрема, освен на делот од горните екстремитети, доколку тие не содржат навредлива, расистичка или вулгарна содржина.

Со измените се дозволува и носење само прстен како накит, додека мустаќите, доколку ги има, не смеат да ја надминуваат висината на горната усна.

Од МВР велат дека промените се насочени кон усогласување со современите практики и потребите на полициските службеници, при што остануваат стандардите за дисциплина, професионалност и углед на институцијата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни