Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово вчера изврши детален увид на две локации поврзани со смртта на младата жена, чие безживотно тело беше пронајдено во близина на Зелениот пазар.
Како што соопшти Обвинителството, увид е извршен на самата локација каде што беше пронајдено телото, како и во изнајмениот стан во кој таа престојувала.
Иако се преземаат сите неопходни дејствија за испитување на точните причини за смртта, од Обвинителството го соопштија првичниот впечаток од увидот.
„Првичните сознанија и траги на лице место не упатуваат дека смртта е резултат на кривично дело“, се вели во соопштението.
Сепак, истрагата продолжува интензивно за да не се исклучи ниту една можност. Јавниот обвинител издал наредба за обдукција на телото на починатата, која треба да ја даде точната причина за смртта.
Дополнително, ќе се вршат распити на повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за случајот.
Претходно:
Безживотно тело на млада девојка било пронајдено вчера попладне во близина на Зелениот пазар во Тетово.
Веднаш по добиената пријава, на местото на настанот пристигнале полициски екипи, како и претставници на Јавното обвинителство.
Според првичните неофицијални информации, станува збор за студентка во четврта година, која имала потекло од Косово.
Полицијата и обвинителството веднаш започнале со истрага за расветлување на причините и околностите околу смртта. Телото на починатата девојка е испратено на обдукција, која треба да ја утврди точната причина за смртта.
Властите засега не соопштуваат дополнителни детали ниту за идентитетот на жртвата, ниту за можните причини за трагичниот настан.
Од полицијата најавија дека подетални информации ќе бидат објавени во текот на денот, по завршувањето на прелиминарните истражни дејствија.