Европските земји ја разгледуваат можноста да испратат меѓу 25.000 и 30.000 војници во Украина, објави Вашингтон пост, повикувајќи се на официјални претставници.
Во исто време, европските лидери разговараат каков вид на воена помош можат да добијат од САД. Вашингтон, исто така, бара одговори за оружјето и силите што европските земји би можеле да ги распоредат.
Откако американскиот претседател Доналд Трамп се сврте кон директни преговори со Москва, кои вклучија разговор со рускиот лидер Владимир Путин, идејата за евентуално испраќање војници во Украина почна се повеќе да се споменува во Европа.
Францускиот претседател Емануел Макрон свика состанок на некои европски лидери во понеделник во Париз за да се заложи за поконкретно планирање на европската поддршка за Украина и да се постигне консензус за потенцијалното распоредување на силите. Пред средбата Макрон разговараше и со Трамп.
Вашингтон ја отфрли можноста за испраќање војници во Украина, но европските претставници велат дека тимот на Трамп не ја отфрлил можноста за поддршка на европските сили и се прашувале каква би можела да биде таа поддршка, пишува The Washington Post.
Европските барања вклучуваат способности за разузнавање, надзор и извидување и потенцијално воздушно покривање или некаква помош за воздушна одбрана за заштита на силите, рекоа четворица официјални лица информирани за дискусиите.
Американскиот прашалник испратен до европските престолнини за силите и опремата што би можеле да ги обезбедат за Украина, исто така, поттикна посериозни консултации за можноста во последните денови, рекоа официјалните лица, кои, како и другите, зборуваа под услов да останат анонимни за да споделат чувствителни размислувања.
Најновите европски планови, според „Вашингтон пост“, повикуваат на сили за „убедување“ или „одвраќање“ од неколку бригади, веројатно од 25.000 до 30.000 војници, кои нема да бидат стационирани долж линијата за контакт, но ќе бидат подготвени како демонстрација на сила доколку руските сили се обидат да ја обноват војната, велат тие.
Овие трупи би можеле да бидат поддржани од дополнителни сили надвор од Украина во случај да треба да се зајакнат и брзо да се движат. Франција проценува дека би можела да распореди речиси 10.000 војници. Британскиот премиер Кир Стармер во неделата вечер за прв пат објави дека е подготвен да испрати сили во Украина како дел од договорот, доколку е потребно.
Франција и Британија, единствените две нуклеарни сили меѓу Европејците, беа во првите редови на дискусиите во кои беа вклучени најмалку десетина земји, вклучувајќи ги Полска, Холандија, Германија и нордиските и балтичките земји.
Холандскиот министер за одбрана Рубен Брекелманс изјави за Вашингтон пост дека ќе биде потребна повеќе од политичка поддршка од САД. И на конференцијата во Мухен рече дека европските земји разговараат меѓу себе, но и со САД за тоа што може секоја земја да направи.
„Во текот на следните неколку недели мора да стане поконкретно кога станува збор за бројките. Тоа е голема загатка, со многу делови што треба да ги составиме“, рече тој.
Додека Трамп ветува дека ќе стави крај на војната, европските лидери тивко разговараат за испраќање војници на украинска територија. Некои земји се двоумат по ова прашање, особено затоа што не им се сосема јасни намерите на САД во однос на Украина.
Европските сојузници се поделени околу природата на распоредувањето, вклучувајќи ја големината и мандатот на силите и обемот на потребната поддршка од САД. Обидите за изработка на воени планови, исто така, беа попречени од фактот што параметрите на договорот со Русија – како што се линиите по кои конфликтот може да биде замрзнат – остануваат недофатливи или не се целосно артикулирани од тимот на Трамп.
Сепак, официјалните лица веруваат дека поддршката на САД е од суштинско значење за да дејствува како предупредување за Русија и да ги одврати руските сили од напад. Друго клучно прашање за Европејците е како да одговорат ако Русија навистина ги нападне овие сили. Еден од предлозите беше клаузула за заемна одбрана меѓу земјите вклучени во европската коалиција, која нема да работи под знамето на НАТО.
„Треба да биде јасно дека силите се подготвени да возвратат ако бидат нападнати и треба да бидат способни брзо да се засилат“, рече европскиот дипломат.
За многу европски држави, распоредувањето ќе бара и јавна поддршка дома и потпирање на веќе затегнатите воени ресурси. Франција има повеќе простор за маневрирање од другите. Некои земји, како Полска или Германија, претстојат национални избори и се претпазливи да преземат големи потези во време кога руската војна во Украина станува сè пополитизирана. Некои се исто така нервозни за преземање ризици без поголемо учество на САД. А на Холандија, на пример, ќе и треба одобрение од парламентот.
„Не планираме да испраќаме полски војници во Украина, но ќе ги поддржиме, во однос на логистичката и политичката поддршка, земјите кои можеби ќе сакаат да дадат такви гаранции во иднина“, изјави во понеделник полскиот премиер Доналд Туск.
Европа, исто така, размислува за вооружување и обука на војската на Украина, но тоа би можело да стане точка на расправа бидејќи Москва бара Украина значително да ја намали својата војска. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во понеделникот дека верува оти е постигнат „значаен напредок по прашањето“ на европските трупи во Украина.
„Ние сакаме безбедносни гаранции не на хартија, туку на земја, на море, во воздух“, рече тој.
На прашањето дали Русија ќе биде подготвена за европско распоредување сили во Украина, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека тоа е „многу тешко прашање“ за кое досега немало „суштински разговори“.
Европските претставници велат дека добиле мешани пораки од членовите на тимот на Трамп додека се обидуваат да проценат кој што прави и колкаво влијание може да има секој врз претседателот.
„Во таборот на Трамп има различни ставови… На крајот на денот тој е тој што одлучува“, рече друг европски дипломат. „Сè може да се промени со објава на социјалните мрежи.