Македонија се наоѓа во фаза на засилена активност на вирусот на грип, а бројките на заболени во изминатата недела нагло пораснаа за речиси 35 проценти.
Според последните податоци од Институтот за јавно здравје, само за седум дена се регистрирани 2.322 нови случаи, што е сериозен скок во споредба со почетокот на месецот и далеку над просекот од изминатите години.
Најкритично е кај децата до четири години каде е забележана највисока инциденца, додека најголем број од заболените се на возраст од 15 до 64 години. Највисока активност на вирусот има во Скопје, Тетово, Куманово, но и во градовите како Охрид, Дебар, Кавадарци и Неготино.
Оваа сезона доминира вирусот инфлуенца А, а веќе е регистриран и првиот смртен случај кај повозрасна пациентка од Скопје со хронични болести која не била вакцинирана.
Епидемиолозите предупредуваат дека вистинскиот пик на грипот допрва доаѓа и се очекува во наредните неколку недели, односно до средината на февруари.
Иако засега не се воведуваат вонредни мерки или продолжување на зимскиот распуст, лекарите упатуваат апел до сите граѓани за максимална претпазливост во деновите од викендот и претстојната работна недела.
Основните препораки за граѓаните остануваат клучни во борбата против ширењето на инфекцијата: редовно проветрување на затворените простории, избегнување на масовни собири и зајакнување на имунитетот со здрава исхрана и витамини.
Посебен апел е упатен до родителите – децата кои покажуваат какви било симптоми на респираторна инфекција да не се носат во градинка или училиште со цел да се заштити нивното здравје, но и да се спречи масовно ширење на вирусот во колективите.
Доколку симптомите се влошат, задолжително е веднаш да се побара помош од матичен лекар.

