Балкан

Прв снег на Балканот: Србија и Босна и Херцеговина побелеа

Прв снег на Балканот: Србија и Босна и Херцеговина побелеа

Откако првиот снег се појави на Стара Планина, Рила и Родопи, зимските врнежи ги зафатија и дел од другите земји на Балканот. Првите снегулки за оваа сезона паднаа на планинските врвови во делови од Босна и Херцеговина и Србија, пренесе хрватскиот медиум „Индекс“.

Снег ги изненади жителите на Копаоник и Голија, најавувајќи го скорошното пристигнување на зимата. На Копаоник, познат скијачки центар во Србија, врнеше снег, а температурата се спушти до 1 степен Целзиусов. Иако снежна покривка сè уште не се формира, првите снегулки ги израдуваа љубителите на зимските спортови.

Снег паѓаше и на планината Голија, на подрачјето на општина Ивањица. Иако локалното население е навикнато на долги и студени зими, снег на крајот од септември неизбежно го привлекува вниманието, додека во пониските предели и понатаму се мерат значително повисоки температури.

Според жители од селата на Голија, снежните врнежи се интензивни, но поради релативно топлиот воздух не се задржуваат на земјата. „Врне прилично обилно, но снегулките веднаш се топат. Навикнати сме на долги и студени зими, но снег во септември сепак привлекува внимание“, изјавија локални жители за агенцијата РИНА, пренесе порталот „Бљесак“.

Голија е позната по променливите временски услови, а мештаните велат дека таму знае да заврне снег речиси во секој месец од годината, со исклучок на јули. Метеоролозите објаснуваат дека станува збор за краткотрајни снежни врнежи што нема да доведат до формирање на покривка, но првите снегулки се јасен знак дека следуваат постудени денови.

Слични појави се забележани и на височинските предели во Босна и Херцеговина, каде што снегот се јави само на повисоките коти, додека во долините преовладува есенско време.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни