Првата мисија на НАСА со човечки екипаж кон Месечината по 50 години е подготвена за полетување

Мегаракетата на НАСА е преместена на лансирната рампа во Кејп Канаверал, Флорида, додека започнуваат финалните подготовки за историската мисија „Артемис 2“, првата со човечки екипаж кон Месечината по повеќе од пет децении. Системот за лансирање висок 98 метри беше транспортиран вертикално од зградата за склопување на возилата, а патувањето од шест и пол километри до рампата траеше 12 часа.

Откако е на лансирната позиција, следуваат последните тестови, проверки и генерална проба пред зелено светло за стартот на 10-дневната мисија. НАСА соопшти дека најраниот термин за полетување е 6 февруари, со дополнителни временски прозори во февруари, март и април.

Екипажот ќе го сочинуваат американските астронаути Рид Вајзмен, Виктор Гловер и Кристина Кох, како и Канаѓанецот Џереми Хансен. Тие ќе бидат првите луѓе кои ќе летаат кон Месечината од мисијата „Аполо 17“ во декември 1972 година.

Мисијата „Артемис 2“ нема да вклучи слетување на Месечината, туку ќе постави темели за идното слетување предводено од „Артемис 3“, кое НАСА го најави за „не порано од“ 2027 година, иако експертите предвидуваат дека најраниот можен термин е 2028 година.

„Неверојатно е чувството да се види ракетата. Астронаутите се најмирните луѓе на денот на лансирањето, што покажува колку сме подготвени да ја исполниме мисијата за која сме обучени“, изјави Кристина Кох. Џереми Хансен додаде дека се надева мисијата да инспирира луѓе низ целиот свет.

Во првите два дена од летот, ракетата ќе остане во орбитата околу Земјата пред да се упати кон Месечината. Додека летаат околу нејзината далечна страна, екипажот ќе има три часа за набљудување, фотографирање и проучување на геологијата, што ќе помогне во подготовката за идното слетување на јужниот пол на Месечината.