Психологот Алексоска: Траумата мора итно да се лекува, процесот е долг и болен

Психологот Ана Алексоска во разговор за МРТ предупредува дека траумата од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани мора да почне да се лекува што е можно побрзо, иако процесот на психолошко и емоционално заздравување ќе биде долгорочен и болен.

„Мора што побрзо да се лекува траумата од оваа тешка индивидуална и колективна трагедија. Процесот е долг за да се дојде до некакво зацелување“, вели Алексоска.

Најтешко, според неа, е за семејствата кои ги загубија најблиските. Потребна е итна и континуирана поддршка од институциите, но и од стручните лица – психолози, психотерапевти, социолози, кои веќе нудат помош.

Таа укажува на разликата помеѓу индивидуалната и колективната траума, и потребата од различен пристап кон нивното лекување.

„Особено е важно да им се помогне на младите, пред сè на оние од Кочани, каде што се случи вистинска генерациска загуба. Не смееме да ги оставиме сами во оваа болка,“ предупредува Алексоска.

Психолошката поддршка е неопходна и за сите кои преживеаја и моментално се лекуваат, посочува таа, додавајќи дека има конкретни предлози дел од помошта да се обезбеди и директно во земјите каде што пациентите се на лекување, за да не се прекине процесот на заздравување.

„И психолошкото заздравување е болен процес, но е единствениот пат кон зацелување,“ заклучува Алексоска.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното