Путин: Мировниот план на САД може да биде „основа“ за „конечно мирно решение“

Владимир Путин зборуваше на состанокот на Советот за безбедност на Русија попладнево.

Тој рече дека Русија сега го добила мировниот план од 28 точки на САД за војната во Украина.

Планот би можел да послужи како „основа“ за конечно мирно решение, но текстот не се дискутира детално со Русија, рече Путин.

„Гледаме дека по разговорите во Алјаска, имаше одредена пауза од американската страна и знаеме дека ова е поврзано со фактичкото отфрлање на планот за мирно решение предложен од претседателот Трамп од страна на Украина. Верувам дека токму затоа се појави нова верзија, во суштина модернизиран план кој се состои од 28 точки. Го имаме овој текст, го добивме преку постојните канали на интеракција со американската администрација. Верувам дека тој може да послужи и како основа за конечно мирно решение.“, рече Путин.

За потсетување, Русија ја започна оваа војна со својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, и покрај тоа што постојано тврдеше дека нема намера да ја нападне Украина дури ни во деновите пред првата инвазија.

Рускиот претседател рече дека предложениот мировен план на Доналд Трамп бил дискутиран пред средбата на двајцата во Алјаска во август.

Русија потврди дека се согласува со предлозите на САД за решение за време на состанокот во Анкориџ, додаде тој.

Путин на состанокот изјави дека Русија е подготвена за мировни преговори, но е задоволна и од моменталната динамика на специјалната воена операција.