Путин воведува драстични нови правила за регрутирање во војската

Државната дума во последното читање усвои закон со кој драстично се менува системот за воена регрутација, воведувајќи целогодишна регрутација наместо претходните два брана – пролет и есен. Измените на законите „За воена обврска и воена служба“ и „За алтернативна цивилна служба“ го предвидуваат овој премин, пишува руски инфо24.

Според новите правила, регрутацијата на граѓаните за задолжителна воена служба ќе се спроведува од 1 јануари до 31 декември.

Сепак, како што објавуваат руските медиуми, испраќањето регрути во единиците ќе задржи сезонски карактер и ќе се одвива двапати годишно: од април до јули и од октомври до декември. Пратениците наведуваат дека целта на овие мерки е рамномерно да се распредели обемот на работа на воените служби и да се подобри квалитетот на кампањата за регрутирање.

Нови рокови и рекорден број регрути

Законот, исто така, предвидува дека регрутот мора да се јави во воената служба во рок од 30 дена од објавувањето на повикот во регистарот. Усвоените измени стапуваат во сила веднаш по официјалното објавување.

Промената доаѓа во време кога есенската регрутација оваа година, на која беа регрутирани околу 160.000 луѓе, е најголема во последните девет години.

Андреј Картаполов, претседател на Комитетот за одбрана на Државната дума, објасни дека причината за ова е недостигот на регрути регрутирани за време на пролетниот циклус.