Бизнис

„Раде Кончар ТЕП“ откупи 9,01% од акциите на „Апаратна Техника“ за 2.435 денари по акција

„Раде Кончар ТЕП“ откупи 9,01% од акциите на „Апаратна Техника“ за 2.435 денари по акција

Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија (КХВ) ја прогласи за успешна понудата за преземање на акции во Раде Кончар Апаратна Техника АД Скопје.

Понудата беше дадена од компанијата Раде Кончар Трансформатори и електрични постројки ТЕП ДООЕЛ, а Решението за успешност беше донесено од Комисијата на седница одржана на 5 ноември 2025 година.

Понудата за преземање, која беше спроведена преку Комерцијална банка АД Скопје, се однесуваше на 151.709 обични акции, а понудената цена изнесуваше 2.435 денари по акција.

Рокот за прифаќање на понудата траеше од 1 октомври 2025 година до 28 октомври 2025 година.

Според известувањето за исходот, доставено од преземачот на 31 октомври 2025 година, понудата ја прифатиле вкупно 31 акционер. Тие поседувале 18.584 обични акции со право на глас, што претставува 9,01% од вкупниот број акции со право на глас во Раде Кончар Апаратна Техника АД Скопје.

Интересно е што органот на управување (Одборот на директори) на Раде Кончар Апаратна Техника на 8 октомври 2025 година објавил мислење во врска со понудата. Подоцна, на 30 октомври, било објавено и дополнување на мислењето во кое членовите на Одборот на директори кои се и иматели на акции ги образложиле причините поради кои немаат намера да ја прифатат понудата за преземање.

И покрај ова, Комисијата за хартии од вредност, врз основа на доставените извештаи, утврди дека понудата е успешна.

Преземачот, Раде Кончар ТЕП, е задолжен да го објави ова решение на истиот начин како што беше објавена и понудата за преземање. Жалбата против ова решение не го одложува неговото извршување.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни