Расте бројот на заболени од грип – најмногу во Скопје

Во периодот од 20 до 26 јануари, во земјава се регистрирани 1 878 случаи на грип или заболувања слични на грипот, што претставува пораст од 33 проценти во споредба со истиот период минатата година, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Најмногу случаи се пријавени во Скопје – 581, по што следува Кавадарци со 219 заболени. Во Куманово се евидентирани 167 случаи, во Струмица 162, а во Штип 106. Во останатите градови бројот на заболени е под или еднаков на 100.

Според возрасната структура, најголем дел од заболените – 1 066, се лица на возраст од 15 до 64 години. Кај децата од пет до 14 години се регистрирани 349 случаи, додека 325 заболени се деца до четири години. Меѓу повозрасните, 138 заболени се постари од 65 години.

За намалување на ризикот од зараза, Институтот препорачува да се избегнува престој во простории со голем број луѓе, како и близок контакт со лица кои имаат симптоми како кашлица, кивање и зголемена телесна температура.

Дополнително, граѓаните се советуваат редовно да ги мијат рацете со вода и сапун или да користат дезинфекциски средства, да ги загреваат и проветруваат просториите во кои престојуваат. Препорачливо е облекување во слоеви, консумирање топли напитоци како чај и супа, како и внесување на овошје и зеленчук богат со витамини, особено витамин Ц, кој се наоѓа во цитрусното овошје. Доколку нема достапност на свежи намирници, можат да се користат мултивитамински додатоци.

Според здравствените власти, пикот на грипот се очекува во средината на февруари.

Од ИЈЗ повторно потсетуваат дека вакцинацијата против сезонски грип останува најефикасната превентивна мерка. Тие ја препорачуваат на сите граѓани, а особено на оние што припаѓаат на ризичните категории, согласно препораките на Светската здравствена организација (СЗО).

Заклучно со 26 јануари, вкупно 72 357 лица во земјата примиле бесплатна или комерцијална вакцина против грип.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното