Македонија

Различни методологии за потрошувачката кошница: Министерството излезе со своја пресметка, за 10 илјади е „полесна“

Различни методологии за потрошувачката кошница: Министерството излезе со своја пресметка, за 10 илјади е „полесна“

За еден четиричлено семејство во август му биле потребни 58.475 денари за покривање на минималните месечни трошоци, покажува новата пресметка на Министерството за економија и труд. Според овие податоци, за храна и пијалоци беа потребни 21.132 денари, додека за здравствени услуги 1.429 денари.

Оваа сума е за 10.200 денари помала од Синдикалната минимална кошница за истиот месец, која Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ја пресмета на 68.675 денари. Според ССМ, трошоците за храна и пијалоци во август изнесувале 25.032 денари, за образование 7.192 денари, за облека и обувки 6.511 денари, за комуналии и домаќинство 6.370 денари, за транспорт 5.175 денари, за ресторани и хотели 4.131 денар, за комуникации 3.677 денари, за хигиена 2.692 денари и за здравје 1.196 денари.

Разликата станува уште поизразена во септември, кога синдикалната кошница достигна 69.432 денари (зголемување од 757 денари во споредба со август).

Дурмиши: Станува збор за различна методологија

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, истакна дека владиниот модел се заснова на официјални податоци од Државниот завод за статистика, цените на производите во осум градови, 23 пазари за овошје и зеленчук, како и најпродаваните артикли во петте најголеми и три регионални синџири маркети.

„Ја почитуваме улогата на синдикатите, но станува збор за две различни методологии. Нашата методологија ја следи реално остварената просечна потрошувачка на домаќинствата и зема предвид дека според последниот Попис, 95% од населението живее во сопствен дом. Целта не е минимизирање на трошоците, туку обезбедување објективна слика“, изјави Дурмиши.

Според Министерството, потрошувачката кошница во август пораснала за само 29 денари во однос на јули, додека трошоците за храна и пијалоци дури се намалиле за 255 денари. Во споредба со јануари (56.381 денар), кошницата во август е повисока за 3,7% односно за околу 2.095 денари.

ССМ: Наместо да се намалува кошницата, да се зголемат платите

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, реагираше дека наместо искусствено да се намалува вредноста на кошницата за 19,5%, Владата треба да се фокусира на зголемување на платите за истиот процент.

Инаку, ССМ ја пресметува Синдикалната минимална кошница уште од 2011 година. Новата методологија на Министерството ќе биде ставена на разгледување на претстојната седница на Економско-социјалниот совет закажана за 19 октомври, каде што се очекува да се отвори и прашањето за минималната плата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со д-р Александра Грозданова, претседателка на комисијата за имунизација

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни