Регионална школа за безбедност во Скопје

Регионална школа за безбедност „Хибридните закани и нивниот импакт на демократијата-предизвици за регионална соработка“ ќе се одржи денеска во Скопје, информираат од Факултетот за безбедност-Скопје.

На настанот, како што посочуваат од Факултетот, ќе се обрати директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски кој ќе говори за влијанието на хибридните закани врз националната безбедност и регионалните предизвици.

На Регионалната школа за безбедност која се организира од Факултетот за безбедност-Скопје со поддршка на Фондацијата „Конрад Аденауер„ и Вилфред Мартенс Центарот за европски студии од Брисел во соработка со Центарот за истражување и креирање политики учествуваат професори и студенти од земјава, Бугарија и Грција.

Проектот нуди размена, соработка и зајакнување на довербата меѓу наставниците, учениците и практичарите од земјите од регионот воедно ќе се испитаат тесните грла за соработка и координација. Кај малите и слабите држави со сè уште недоволно развиена демократија, каде постојат економски проблеми, голема невработеност, сиромаштија, корупција, етнички и религиозно нехомогено население, постои реална опасност за појава на хибридните закани. Уште ако овие држави се на линијата на огнот во борбата за новиот светски поредок помеѓу големите сили, пред сè САД, ЕУ и Русија – примерите со Украина, Блискиот Исток и Балканот, тогаш појавата на овие закани е сосема реална опасност, се наведува во соопштението од Факултетот. 

Извор: Сител телевизија