Македонија

Ревизија откри сериозни проблеми во „Комунална хигиена“: 60 отсто од возилата неисправни

Ревизија откри сериозни проблеми во „Комунална хигиена“: 60 отсто од возилата неисправни

Јавното претпријатие „Комунална хигиена – Скопје“ се наоѓа во тешка финансиска и оперативна состојба, со сериозни проблеми во управувањето, покажува последниот извештај на Државниот завод за ревизија за работењето во 2024 година.

Ревизорите дале неповолно мислење за финансиските извештаи на претпријатието, како и за усогласеноста на неговото работење со законските прописи. Во извештајот се наведуваат низа слабости поврзани со возниот парк, имотот, наплатата на побарувањата и начинот на ангажирање работници.

Најголем проблем претставува состојбата со специјализираните возила за собирање и транспорт на отпад. Од вкупно 189 возила со кои располага претпријатието, само 76 биле во исправна состојба. Уште 80 возила биле неисправни, а 33 биле целосно хаварисани.

Тоа значи дека околу 60 проценти од возниот парк бил надвор од употреба, што директно влијае врз способноста на претпријатието редовно да ги извршува комуналните услуги. Дополнителен проблем е и просечната старост на возилата, која изнесува околу 15 години.

Ревизорите утврдиле недостатоци и во евиденцијата на имотот. За дел од недвижностите не било обезбедено право на сопственост, а опрема во вредност од над 29 милиони денари не била заведена во сметководствените записи.

Проблеми се забележани и кај наплатата на долговите. Побарувања во вредност од околу 127 милиони денари биле оценети како тешко наплатливи или со неизвесна можност за реализација.

Во магацинските простории биле пронајдени и големи количества застарени резервни делови. Околу 40 проценти од залихите биле набавени уште во 2009 година и повеќе немале практична употребна вредност.

Ревизијата укажува и на значителен број ангажирани работници преку приватна агенција. Во текот на 2024 година биле ангажирани 354 лица, за што биле исплатени околу 185,7 милиони денари, откако претпријатието не добило согласност за годишните планови за вработување.

Финансиската состојба дополнително ја отежнуваат загубите и проблемите со ликвидноста. Вкупните обврски на „Комунална хигиена“ достигнале речиси 737 милиони денари, а доцнењето со плаќањата кон добавувачите предизвикало дополнителни трошоци по основ на камати, казни и судски постапки.

Државниот завод за ревизија препорачал итно преземање мерки, изработка на план за обновување на возниот парк, како и воспоставување систем за редовно следење на состојбата на возилата и трошоците за нивно одржување.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни