„Рибата од главата смрди, велат старите. Ќе се согласам со обвинителството дека системот е разнебитен, но овде седат само дел од тие карики.“
Со оваа народна поговорка, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, бранител на обвинетиот Ивица Грозданов (обезбедување), го нападна обвинителниот акт, тврдејќи дека на обвинителна клупа недостасуваат главните виновници.

Давидовиќ упати директна критика кон Јавното обвинителство во Кочани, обвинувајќи ги за лицемерие и пасивност. „Каде било обвинителството во Кочани овие 13 години? Тие имале обврска да постапат, а не да чекаат граѓаните да пријават. Сите чекале, наместо да реагираат по службена должност,“ истакна адвокатот.
Според него, неговиот клиент Ивица Грозданов е небитен фактор во оваа системска грешка: „Мојот клиент не бил ниту мало тркалце во тој систем.“
ЗА ШТО СЕ ТОВАРИ ИВИЦА ГРОЗДАНОВ?
(Според Обвинителниот акт КО бр. 180/2025)
Ивица Грозданов (39) е вработен во агенцијата за обезбедување „Рубикон“ и се товари за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“.
Обвинителството го товари за сериозни пропусти:
- Работа без лиценца: Тој бил ангажиран како физичко обезбедување иако немал лиценца за вршење на такви работи.
- Пропуст на влезот: Бил распореден пред влезот на дискотеката и бил задолжен да го контролира пристапот до почетокот на концертот.
- Внесување на опасност: Не извршил проверка на идентитет (пуштил малолетници) и не извршил преглед на лицата и предметите, со што не го спречил внесувањето на пиротехниката која го предизвика пожарот .