Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука за новите малопродажни цени на нафтените деривати, која вклучува намалување на акцизите и повластена стапка на ДДВ од 10% (освен за мазутот). Одлуката стапува на сила од 7 април 2026 година од 00:01 часот.
Според новата одлука, максималните малопродажни цени на горивата ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95: 83,50 ден/литар
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98: 85,50 ден/литар
Дизел ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V): 98,00 ден/литар
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1): 95,50 ден/литар
Мазут М-1 НС: 51,311 ден/килограм
Со оваа одлука, малопродажните цени на нафтените деривати се зголемуваат во просек за 1,41% во однос на претходната одлука од 30 март 2026 година. РКЕ укажува дека зголемувањето на светските референтни цени и на курсот на денарот би довело до повисоки цени доколку не беа интервенциите на Владата за намалување на акцизите и ДДВ-то.
Регулаторната комисија дополнително ги повика нафтените компании да го вкалкулираат обезбедениот попуст од страна на Владата со главниот добавувач ОКТА, со што граѓаните ќе можат директно да го почувствуваат ефектот: поевтинување од 3 ден/литар за дизел и 2 ден/литар за бензин.
„Доколку не се продолжеше времетраењето на намалениот ДДВ и не се интервенираше во акцизата, цената на бензините ќе беше повисока за 8,50 ден/литар, а дизелот за 12,00 ден/литар“, наведуваат од РКЕ, додавајќи дека интервенцијата овозможува поевтини горива и стабилност на пазарот.
Намалувањето на цените е дел од мерките за заштита на стандардот на граѓаните и стабилноста на економијата во услови на глобални флуктуации на нафтениот пазар.