По завршувањето на денешното судење за трагедијата во Кочани, Александар Нонов, татко на загинато дете, изрази загриженост за начинот на кој обвинетите се појавуваат во јавноста.
„Загрижува фактот што обвинетите продолжуваат да добиваат јавен простор за изјави и медиумски настапи, иако се соочуваат со сериозни обвиненија за настанот во кој беа уништени 63 животи и зацрнети 200 семејства. Тие се однесуваат како оштетени, како да не знаат зошто се обвинети, како прв пат да слушаат дека дискотеката „Пулс“ постоела цели 13 години“, рече Нонов.
Тој истакна дека правото на одбрана е неприкосновено, но јавниот дискурс мора да биде чувствителен кон жртвите.
„Ние, семејствата, кои секојдневно се борат со последиците на трагедијата, имаме легитимни очекувања дека институциите ќе постапат брзо, одговорно и објективно, без пролонгирања кои оставаат впечаток на неажурност и незаинтересираност“, додаде Нонов.
Според него, семејствата и граѓаните очекуваат пресуда која ќе ја отслика тежината на трагедијата и ќе испрати порака дека „животот на секој граѓанин е вредност што мора да биде заштитена“.
„Вистината, отчетноста и правдата не смее да останат само формални одредби на хартија, тие мора да се манифестираат преку конкретни резултати, одговорни одлуки и целосно исполнување на законските обврски. Во интерес на жртвите, нивните семејства и целата јавност“, заклучи Нонов.