Родителите на загинатите деца во „Пулс“ одржаа нов „Марш за ангелите“ во Кочани: „Не бараме одмазда, туку правда“

Во Кочани денеска се одржа уште еден „Марш за ангелите“, кој го организираа родителите на децата што трагично ги загубија своите животи во пожарот во дискотеката „Пулс“.

Маршот започна во 14:05 часот, а колоната тргна од паркот на револуцијата, помина низ центарот на градот, продолжи покрај Управата за јавни приходи и полициската станица, и заврши пред Основниот суд. Пред судот, родителите ги повторија своите барања за правда, одговорност и целосно расчистување на случајот.

Настанот се одржа во време кога судењето за несреќата е во тек. Родителите порачаа дека нема да запрат со протестите сè додека институциите не обезбедат вистинска правда и адекватни санкции за виновниците. Тие потенцираа дека не сакаат судницата да се претвори во „Струшки вечери на поезијата“.

„Не бараме одмазда, туку правда“, порачаа родителите.

Александар Наунов, татко на девојче загинато во пожарот во „Пулс“, истакна дека судницата во Идризово почнува да наликува на Струшките вечери на поезијата, наместо на сериозен процес за одговорност.