Родителите на жртвите од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ денеска го радикализираа својот револт, блокирајќи го кружниот тек кај двојниот мост, еден од најфреквентните сообраќајни јазли во Кочани.
Блокадата, која започна околу 15:00 часот, предизвика застој во сообраќајот, а според најавите, се очекува да трае до 16:15 часот.
Овој чекор претставува интензивирање на активностите на семејствата, кои со месеци бараат правда и одговорност за трагедијата во која животот го загубија 62 лица. Блокадата доаѓа по повеќемесечните мирни „Маршови на ангелите“ и само неколку дена откако судот го одобри обвинението за случајот, со што родителите испраќаат порака дека будно ќе го следат судскиот процес и нема да дозволат случајот да се заборави.