Родителите на загинатите во „Пулс“ најавуваат секојдневни мирни блокади се додека не започне судењето

Од утре, родителите на децата кои загинаа во пожарот во клубот „Пулс“ на 16 март, најавуваат мирни јавни собири и блокади на кружниот тек кај двојниот мост на улицата „Стево Теодосиевски“. Блокадите ќе траат по еден час секој ден, од 15:15 до 16:15 часот, се додека не започне судењето.

Ова беше соопштено денеска на 26-тиот „Марш за ангелите“ пред Основниот суд во Кочани. Родителите биле испровоцирани од изјави на адвокати на осомничените дека судењето би можело да трае 10 до 15 години.

„Оваа изјава е срамна и понижувачка за семејствата чии деца ги загубија животите во трагедијата. Звучат како обид јавноста да се подготви за бавно одолговлекување и заборавање. Ние тоа нема да го дозволиме,“ рече мајка на загинато девојче пред новинарите.

Родителите бараат зголемување на капацитетот на судскиот состав со дополнителни судии и судски соработници за да не се одолговлекува процесот поради недостаток на ресурси. Нагласуваат дека рочиштата мора да добијат приоритет и континуирано темпо, со цел постапката да се одвива непречено и без непотребни одложувања. Тие изразија сомнеж за можни манипулации или скриено забавување на судскиот процес и побараа јавно и транспарентно следење на сите процесни активности.

„Правдата не смее да се влече. Ќе бидеме тука – на кружниот тек, се додека не почне судењето. Животот на едно дете вреди повеќе од нечии интереси и адвокатски игри,“ порачаа членови на семејства што загубија свои блиски во мартовскиот пожар.

Денешниот 26-ти „Марш за ангелите“ започна и заврши во „Паркот на Револуцијата“ во Кочани. Попатно, сообраќајот на кружниот тек пред двојниот мост беше блокиран петнаесетина минути, токму на местото каде што од утре ќе се одржуваат најавените јавни собири и блокади.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.