Breaking Катастрофа во Венецуела: Серија од најсилните земјотреси во историјата на земјата, прогласена вонредна состојба
Македонија

Родителите на жртвите од „Пулс“ револтирани ја напуштија судницата во „Идризово“

Родителите на жртвите од „Пулс“ револтирани ја напуштија судницата во „Идризово“
Фото: Марио Андоновски / 4NEWS.mk

Со силни емоции и незадоволство од текот на судската постапка, родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ денеска демонстративно ја напуштија судницата во Казнено-поправната установа „Идризово“. Причина за нивниот револт беше барањето на одбраната за изземање на јавната обвинителка Наташа Сарамандова.

Родителите оценија дека ваквите барања дополнително ја одолговлекуваат постапката и го оддалечуваат процесот од суштинските прашања поврзани со утврдувањето на одговорноста за трагедијата во која загинаа десетици млади луѓе.

Александар Наунов, татко на Надица Наунова, која го загуби животот во пожарот, изјави дека создаден е впечаток оти наместо вниманието да биде насочено кон доказите и нивната содржина, фокусот се префрла на процедурални прашања.

Според него, семејствата очекуваат Обвинителството целосно да ја презентира доказната постапка и јавноста да добие јасна слика за тоа како функционирал објектот пред трагедијата, кој бил надлежен за контрола и кој требало да постапува.

„Единствено што бараме е доказите да се изведат до крај и одговорноста да не се изгуби меѓу процедурите“, порача Наунов.

Незадоволството го изразија и други родители на загинатите. Јулија Златкова, мајка на Томас Златков, истакна дека обвинителката Наташа Сарамандова и обвинителот Дарко се нивната надеж дека вистината за трагедијата ќе биде целосно расветлена.

Таа оцени дека евентуалното изземање на Сарамандова би ја нарушило довербата на семејствата во процесот и изрази уверување дека државниот јавен обвинител Ненад Савески нема да го прифати барањето.

На денешното рочиште адвокатите на обвинетите поднесоа барање за изземање на обвинителката Сарамандова, тврдејќи дека при презентирањето на доказите постапувала пристрасно и изоставувала делови кои, според нив, се од суштинско значење за одбраната.

За барањето треба да одлучува државниот јавен обвинител Ненад Савески, додека рочиштето продолжи со изведување материјални докази од страна на друг јавен обвинител.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни